Драги колеги и пријатели,

Голема чест и задоволство ми е да Ве поканам на 6-от Конгрес на радиолози на Македонија со меѓународно учество, кој ќе се одржи во хотел Гранит во Охрид, Македонија од 22-25 Септември, 2016 год.
Конгресот е организиран од Здружението на радиолози на Македонија и е дел од активностите за стекнување со нови знаења и вештини, како резултат на константното развивање на нова опрема и нови техники.
Радиологијата како една од најпрогресивните гранки на медицината, бара постојано обновување на информациите за достигнувањата во нашата професија. Тоа е препознаено од Здружението, па затоа континуирано се одржуваат стручни состаноци и симпозиуми. Залагањата на Здружението на радиолози на Република Македонија под сегашното раководство се препознаени и објавени и во магазинот ECR Today 2016.
Вреди да се спомене и дека Здружението на радиолози на Р. Македонија помогна во развој и формирање на online програми за учење и курсеви кои ќе им овозможат на нашите членови да бидат во првите редови со медицински достигнувања и новини во полето на радиологијата.
6-от Конгрес на радиолози на Македонија претставува продолжување на залагањата за унапредување на нашата професија. Поканети се интернационални и домашни експерти, како и гости од Балканското здружение на радиолози, кои ќе учествуваат со нивни предавања во различни сесии, па така ги охрабруваме сите учесници, радиолози, доктори, да ја препознаат можноста за запознавање на одлични специјалисти и колеги кои ќе го споделат нивното знаење, искуство и идеи.
Официјалниот јазик на Конгресот е Македонски и Англиски. Предавачите и експертите ќе дискутираат на нивните теми во пленарни сесии, усни и постер презентации.
За локација го избравме градот Охрид кој е традиционален град и е дел од светското наследство на УНЕСКО. Градот е лоциран во југозападниот дел на Македонија. Во оваа област се наоѓаат античкото езеро, прекрасни пејсажи на градот и долга историја со многу цркви и манастири.

Драги колеги и пријатели, ја имам честа да Ве поканам оваа есен во прекрасниот Охрид да придонесеме заедно за унапредување на радиологијата во Македонија!

 

Добредојдовте во Охрид!

 

Проф. д-р Надица Митреска
Претседател на Здружението на радиолози на Македонија
Факс: +389 2 31 66 974
e-mail: kongres@radiologija.org.mk